Српски репрезентативец ограбен во Франција додека бил - дома!

Српскиот репрезентативен голман Предраг Рајковиќ доживеал вистинска драма во својата куќа, откако крадци им влегле во домот и тоа додека тој со семејството бил во куќата.

Рајковиќ е голман на Ремс, па крадците мислеле дека ќе брани на мечот со Стразбур и знаејќи дека добро заработува ја имале на пик неговата куќа за да ја ограбат. Арно ама, Рајковиќ не бил во план за мечот и си останал дома, а на голот бранел Николас Леметр.

И крадците незнаејќи дека Србинот останал дома, ја „нападнале“ куќата и додека траел грабежот, сопругата на голманот Ана тргнала да се симне на приземјето кога ги здогледала и почнала да вришти. Рајковиќ, пак, кога чул експресно ја повикал полицијата, но...

Додека стигнат на „местото на злосторството“, крадците избегале со вреден накит и часовници од – преку 100.000 евра.

„Нè ограбија и тоа додека бевме дома. Полицијата работи на случајот и се надевам дека ќе си ја заврши работата. Јас сум истрауматизирана“, рекла Ана за српските медиуми.

После кражбата на српскиот голман и семејството им е одредена полициска заштита.