Полицијата му ја скршила вилицата на навивач на Вардар во Велес!?

Навивач на Вардар завршил на клиника во Скопје со фрактури на лицето и искршени заби, откако полицијата во Велес го претепала брз причина, обвинија членови на подгрупа „Комити“ после вчерашниот меч со Борец, прв прволигашки меч за велешани после 18 години.

Вардаровите навивачи ја обвинија полицијата дека беспотребно направила тензија и дека нивни припадник бил претепан на железничката станица во Велес при доаѓањето на мечот, на кој присуствуваа околу 200 навивачи на црвено-црните. „Комити“ посочуваат дека на мечот немало никаква тензија, иако имало припадници на две групи (за домаќините во својот сектор беа Гемиџии) и дека освен еден „унаказен“ навивачи, уште еден бил приведен поради пцовки кон припадниците на јавниот ред и мир после инцидентот.

Тие велат дека полицијата не дозволила повредениот навивач итно да биде пренесен во болница по повредите, туку до завршување на мечот навивачот бил во станица, а потоа во болницата во Велес откако биле констатирни тешки повреди сакале да биде задржан, но по консултации потоа бил транспортиран на клиника во Скопје.

„Во некоординираност помеѓу полицијата, една помала група навивачи, од околу 10-ина, заостанаа на железничката станица од другата група, која веќе ја имаше напуштено железничката, но на припадниците на ЕБР тоа не им се допадна, па почнаа да провоцираат со буткање со штитовите и со груб и неадвекатен однос, така што и на најмалата реакција од наша страна, со негодувањето зошто тоа го прават, почнаа да летаат пендраци и боксови на сите страни, иако до почеток на натпреварот имаше околу час и половина, а стадионот се наоѓа во непосредна близина на железничката. Еден од навивачите беше бутнат долу од ударите, кои три-четворица од ЕБР почнаа буквално да го шутираат со нозе и да го маваат со боксови и пендраци. Дечкото беше приведен и однесен во локалната полициска станица. Подоцна, кога го посетивме во станица, му фалеја неколку заби и целиот беше во крв. Не сакаа да го пуштат да оди во болница, да го прегледаат и да извади лекарско, додека не завршел натпреварот поради безбедносни причини(!?). Чекајќи пред полициската станица, откако заврши натпреварот, се упативме до локалната клиника, кадешто дечкото беше прегледан и му беа констатирани неколку фрактури во пределот на лицето и искршени неколку заби. Докторите побараа да биде задржан, но после неколку консултации со нив, го испратија во државна болница во Скопје на дополнителни снимки“, велат вардаровите навивачи.