Лина Ѓорческа забележа голем пад на најновата ВТА листа

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа оваа недела се наоѓа на 327. место во светот, што е пад од дури 70 позиции во однос на претходното рангирање. На претходната листа македонската тенисерка беше 257. во светот.

Ѓорческа моментално има 209 ВТА поени, а на листата зад нејзиното име стои 21 одигран турнир. 

Падот на ранг-листата доаѓа во период во кој македонската тенисерка се обидува повторно да се искачи кон позициите на кои беше во изминатиот период. Оваа сезона Ѓорческа настапуваше и на Вимблдон, каде што дебитираше во главната ждрепка на еден Гренд слем турнир. ВТА во пресрет на турнирот ја издвојуваше меѓу тенисерките кои за првпат настапија во главната конкуренција на Вимблдон.

Во јули, пак, Ѓорческа настапи на ВТА 125 турнирот во Палермо, каде што беше поразена од Русинката Ерика Андреева во второто коло.  И покрај актуелниот пад, Ѓорческа останува највисоко рангирана македонска тенисерка, а следниот период ќе биде важен за освојување нови бодови и враќање на повисоките позиции.