Охридските „Рибари“ дивееле во Струга и повредиле пет полицајци!

Пет полицајци биле повредени, а дел од инвентарот на стадионот во Струга бил оштетен после хаосот што се случил по завршување на вчерашното езерско дерби помеѓу Караорман и Охрид Лихнидос во Втората лига, објави МВР во својот дневен билтен.

Охридските навивачи кои направија спектакл откако на гостување заминаа со брод, според полицијата дивееле по завршување на мечот, па има и приведени навивачи, но од Охрид се жалат и на повредени приврзаници на нивниот клуб.

„На 08.04.2023 околу 17.00 часот во Струга, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Караорман од Струга и Охрид во рамки на Втората фудбалска лига бил нарушен јавниот ред и мир од повеќе лица од навивачка група од Охрид, при што бил оштетен дел од инвентарот на стадионот. Притоа, при преземање мерки со повреди се здобиле пет полициски службеници од Полициската станица Струга. По целосно документирање и расчистување на случајот, ОВР Струга ќе поднесе соодветни пријави“, информира Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од Охрид, инцидентот настанал после расправија околу напуштањето на стадионот на навивачите со дел од обезбедувањето, по што реагирала струшката полиција.

Како што објави „Охрид Њус“, дел од охридските навивачи побарале лекарска помош при враќањето во охридската болница, а навивачите реагираат на прекумерна сила која ја употребила полицијата, а наводно повредени се и девојчиња и обична публика.