Не е губитник само Ливерпул: Обложувач загуби 11 илјади евра поради грешката на ВАР

Еден од најмаркантните моменти на оваа сезона во Премиер лигата секако ќе биде поништениот гол на Луис Дијаз на мечот меѓу Тотенхем и Ливерпул кој на крајот скапо ги чинеше „црвените“ на гостувањето во Лондон.

Тимот од Енфилд загуби бод(ови) и можеби челната позиција на табелата, па нормално е тоа што два дена се зборува за голот што можеше да смени многу работи. Револтиран е и еден Англичанец кој поради тоа „паднал“ на тикетот вреден 9.510 фунти или околу 11 илјади евра.

 

 

На тикетот со влог од 10 фунти, тој прогнозирал дека Коди Гакпо, Сон и Луис Дијаз ќе постигнат голови, а картони ќе добијат Мекалистер, Удоги и Бисума. Да не беше поништен погодокот на Дијаз, сега тој ќе беше добитен и ќе планираше каде да ги троши парите. Затоа и не е изненадување неговиот бес.

„Некој ќе мора ова да го исплати“, напишал тој на Твитер, а во прилог го ставил и извинувањето од Судиската организација на Премиер лигата.