Навивачи на Борусија Дортмунд останаа без сезонски билети зашто не биле редовни!

Борусија Дортмунд откажа 500 годишни влезници за навивачите за следната сезона затоа што не присуствувале на доволно домашни натпревари.

Навивачите кои не биле на најмалку седум од 17 домашни натпревари повеќе немаат годишни влезници.

Побарувачката за билети за дуелите на Дортмунд е голема, а во есен беше објавено дека дури 50.000 навивачи се на листата на чекање.

„Сакаме нашите трибини да не бидат празни. Наша цел е да продолжиме по овој пат и да ги насочиме сезонските карти кон чесните навивачи“, соопштија од Дортмунд.

Голем број навивачи го поздравија потегот на клубот, но имаше и такви кои критикуваа.

„Тоа е шега? Клубот доби пари за тие влезници, а сега тие се одземаат. Тоа не е нормално“, напиша еден бесен навивач.

Дел од навивачите побараа клубот да преземе мерки и против продавачите на интернет продавници.

„Постојат сопственици кои сезонските влезници не ги користат. Туку тие ги продаваат многу поскапо само за заработка“, се побунија навивачите.

Дортмунд може да се пофали со најдобрата посета. Во просек на бундеслигашки натпревар на стадион се наоѓаат 80.841 навивач, а тоа е одлично со оглед на тоа дека цел стадион има капацитет од 81.365 гледачи.