Навивач во Манчестер доби 22 недели затвор за расистички навреди!

Еден англиски навивач доби 22 недели затвор и шест години забрана за влез на стадион поради расистички навреди на мечот од ФА-купот помеѓу Манчестер јунајтед и Астон Вила.

Арон Саундерс (29) признал дека расистички навредувал за време на мечот, а освен тоа физички нападнал двајца полицајци и луѓе од брзата помош, па судот во Манчестер експресно го осуди и сега тој за својот хулиганизам ќе мора да оди зад решетки.

„Одењето на фудбалски мечеви треба да биде пријатно искуство, ама луѓе како Саундерс се штетни и таа убава атмосфера ја расипуваат“, објави судијата.

Англија реши жестоко да ги казнува сите расисти, откако во изминатава година сѐ поголем број на случаи е забележан со расистички испади, а кулминација на сѐ беа навредите кон англиските репрезентативци после финалето на Еуро 2020, по што државата реши да преземе строги мерки за да расчисти со ваквите луѓе.