Направете рестарт на Вардар, вака веќе не оди!

Најактивната подгрупа на „Комити“ не може повеќе да седи мирно поради ситуацијата која му се случува на најтрофејниот македонски клуб Вардар и поради тоа го крена гласот на социјалните мрежи.

„ЕКИПА ПИВО - ФКВ“ објави дека добиел информации за иднината на Вардар, која дефинитивно не е светла затоа што клубот можел да заврши под стечај и затоа бараат итно решавање на ова ситуација.

„Ситуацијата во ФК Вардар е статус кво веќе две години, ако не и повеќе. Муабетите „Си одам - не си одам“, „Ќе биде подобро“, „Ќе најдеме решение“ итн. се веќе излитени.

Добиваме многу лоши информации околу Вардар. Нашите извори велат дека, доколку не се најде решение за клубот до декември, клубот ќе оди под стечај, а во изминатиов период имало и незадоволство кое било изразено со штрајк од страна на дел од тренерите од младинската школа, на кој требале да се придружат и од првиот тим, заедно со стручниот штаб.

Ги охрабруваме стручниот штаб и играчите на првиот тим, како и сите тренери од младинската школа, односно од Академијата да излезат на прес, да ги кажат и посочат јавно проблемите во клубот, со цел да се најде решение што поскоро. Иднината на клубот е неизвесна и одговорност за оваа ситуација во која се најде и наоѓа клубот моментално мора некој да сноси.

Доколку не може да се најде долгорочно решение за Вардар, тогаш најдобра опција ќе биде да се направи рестарт на клубот, со цел да се изгубат од клубот сите пијавици кои го цицаат сите овие години. Чиста сметка - долга љубов“, напишаа од подгрупата.

Ситуацијата во ФК Вардар е статус кво веќе две години, ако не и повеќе. Муабетите „Си одам - не си одам“, „Ќе биде...

Posted by Екипа ПИВО - ФКВ on Wednesday, September 30, 2020