Најжестоките ултраси на Јувентус избркани: Ањели со парите ја уби страста!

Најжестоките ултраси на најтрофејниот италијански клуб Јувентус, под името „Други“ не се повеќе дел од јужниот сектор на стадионот „Алијанц“ и оваа група преку социјалните мрежи го обвини првиот човек Андреа Ањели дека ја убил страста.

Јувентус и ултрасите влегоа во војна откако пред неколку месеци во голема рација беа уапсени 12 видни личности од навивачкиот свет, кој беа обвинети за уцена, закани и злосторничко здружување, откако клубот ги пријавил дека се заканувале ако не добијат билети што ќе ги препродаваат, ќе прават инциденти.

Сега, најжестоката група, која со децении на Апенините важеше за една од најорганизираните и најбруталните на домашната тифо сцена, објави дека повеќе нема ултраси во секторот кој беше резервиран за нив.

„Навивачите кои сега се во јужниот сектор ('Курва Суд') не се ултраси. Во моментов таму нема организирани ултраси и жал ни е за тоа, но ние имаме наши права. За другото ќе треба да одговори Ањели и неговите пари. Ни ја убија страста“, објави главната група на навивачи на Јувентус.