Кристијано Роналдо призна дека затајувал данок, доби казна од две години затвор - условно!

Заврши судскиот процес кој се водеше против Кристијано Роналдо под обвинение за затајување данок, а фудбалерот на Реал Мадрид и на Португалија е осуден на две години затвор и 18.8 милиони евра. 

Сепак, како и неколку примери досега, Роналдо нема да оди во затвор, туку ќе го искористи правото кое го нудат шпанските закони да си плати, ако казната е до две години и ако претходно не сте биле осудувани.

Самиот признал дека е виновен по четири обвиненија и казната за секое од нив е по шест месеци, а истовремено ќе мора да ја обештети државата Шпанија за 18,8 милиони евра. Беше обвинет за затајување данок во вкупна висина од 14,7 милиони евра.

Слична судбина го снајде Лионел Меси пред пет години, кога ја збогати шпанската каса за 15 милиони евра.

Оваа осуда доаѓа во денот кога Роналдо со Португалија треба да дебитира на Светското првенство во Русија и тоа токму против Шпанија. Можеби ова ќе му биде дополнителен мотив.