Чудо: Фудбалер на Крузеиро паднал во 200 метарска бездна со џипот и поминал со – гребнатинки!?

Бразилскиот фудбалер Енрике, кој игра за Крузеиро чудесно преживеал сигурна смрт откако со својот џип Ланд Ровер паднал во бездна длабока 200 метри и минал само со гребнатинки.

Енрике од засега неразјаснети околности паднал со џипот во бездната од врвот на „Рома Мока Паркот“ во Бурмадињо, а инцидентот се случил во петокот и откако реагирале спасувачките служби и пожарникарите, тој бил пренесен во приватна болница во Бело Хоризонте, каде е превентивно задржан.

Според информациите од Бразил, кога Енрике после спасувачката мисија на непристапен терен која траела скоро четири часа, го донеле во болница, сите биле изненадени и зачудени како фудбалерот нема ниту една скршеница после таков страшен пад, а само гребнатинки и модрици.

Но, бидејќи бил дезириентиран и конфузен, лекарите го задржале превентивно за да ја следат ситуацијата за да не дојде до некакви компликации. Менаџерот на Крузеиро, Леандро Лима потврдил дека Енрике е во свесна состојба, но дека останува во болница.

Тој штотуку се врати од заемот во Флуминенсе, а 26 јуни сега ќе го слави како втор роденден, зашто очигледно избегнал сигурна смрт после ваква несреќа.