Браво, секоја чест: Голманот на Сити им купил куќи на четири семејства по пожарите во Чиле

Голманот на англиски Манчестер сити, Чилеанецот Клаудио Браво покажа дека е голем човек и дека има огромно срце, па на четири семејства кои останале без кров над главата во огнената стихија во неговата татковина пред две години им купил нови куќи.

За време на пожарите во Чиле, кои во првата половина од 2017 година ја опустошија половина земја, а однесоа 11 животи, беше уништено преку милион хектари шума, пеплосани беа 1.000 домови од вкупно трите илјади пожари што избувнаа. Градот Санта Олга, кој се наоѓа јужно од престолнината Сантијаго беше еден од градовите кои најмногу беше погоден од пожарите.

И се почнало од едно дете по име Камило, кој побарал помош од Браво, а голманот веднаш помогнал. Цели две години се држело во тајност, но сега медиумите откриле чија била помошта за четирите семејства.

Мигел Милангир, дедото на Камило, открил колку Браво им помогнал и како сето тоа почнало. Браво барал да не се објавува ништо за неговата помош.

„Кога го прашуваа мојот внук кога избувнал пожарот, тој во разговорот спомнал дека сонува за дрес од Клаудио Браво. И голманот многу брзо дознал, па Браво го исконтактирал и му ветил дека ќе му даде дрес. Ама, му посочил и дека ќе му даде нов дом. Јас бев скршен пред да се појави Браво. Мислев дека повеќе нема да имаме куќа, размислував како да продолжиме понатаму. И тогаш дојде помошта од небо“, вели Мигел.

Сопругата на голманот на Сити, Карла Педро го посетила подрачјето кое било најпогодено од пожарите за да ги провери семејствата после ужасот кој го преживеале и маките со кои се соочуваат.

„Карла подоцна дојде со своите деца да не посети и да види како сме. Беа многу љубезни. Дури ги поканија мојот внук и татко му да гледаат меч на репрезентацијата на националниот стадион“, додава Мигел.

Тој е еден од четирите семејства што добиле нови куќи од Браво, порачувајќи дека до небо му е благодарен на голманот за тоа што направил за нив.