Димевски приватно го „демантира“ КФМ и тоа без аргументи и со - лични навреди!

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, денеска испрати писмо до селективно одбрани медиуми со кое сака да ги демантира наводите од вчерашното барање на КФМ за негова смена поради непотизам и уцена од 100.000 долари, а во кое не нуди апсолутно никаков одговор за работите за кои е нападнат.

Напротив, тој своето писмо, кое очигледно го испратил како приватен граѓанин, а не како прв човек на најеминентната спортска организација во Македонија бидејќи се потпишал со тоа што бил во минатото, а не со тоа што е сега, го користи за лична пресметка и навреди на лице со иницијали Т.Г. Димевски дури и нема храброст да го именува човекот кого го напаѓа со цело име и презиме, најверојатно поради страв од тужба, но тоа не го спречува да нарушува ликот и делото на човекот, кој е добро познат во спортската јавност и кој во целата своја кариера троши лични пари за кошарката.

Тој дури се дрзнува да констатира дека ова „не му бил првпат на Т.Г. да има вакво поведение“, без да го образложи истото, но и покрај тоа му се потенцира дека ќе му биде „последен пат“. Иронијата е уште поголема бидејќи барањето за смена на Димевски е потпишано од УО на КФМ, поради што не е јасно зошто тој напаѓа само еден човек и тоа без да го прецизира со име и функција.

Причина за сето ова лежи во фактот што КФМ не дозволи на Медитеранските игри да настапи репрезентација во баскет (3х3) избрана од МОК, туку побара да биде вклучена во селекцијата бидејќи таа на крајот мора да ја испрати пријавата. А во барањето за смена од КФМ е наведено дека интересот на Димевски да се вмеша во изборот на учесниците исклучиво во овој сегмент од Медитеранските игри е фактот што во неговата селекција 3х3 настапувал и неговиот син.

Писмото на Димевски, кое никако не може да се нарече како демант, туку само негово видување на работите, може да го прочитате на приложените слики.