Каратистот Белистојаноски е спортист на годината - награда за животно дело за Докузовски!

Сојузот на спортови на Скопје денеска по 57. пат ги додели традиционалните награди „13 Ноември“, преку кои им се оддава големо признание на најистакнатите спортисти, тренери, спортски работници и организации за нивниот огромен придонес во развојот и унапредувањето на спортот.

Наградата за животно дело оваа година му припадна на Марин Докузовски, поранешниот селектор на македонската репрезентација, кој засекогаш ќе остане запаметен како творец на историското четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година. Престижното признание за најдобар спортист заврши во рацете на каратистот Матеј Белистојаноски, кој оствари извонредни резултати на меѓународната сцена освојувајќи прво место на турнирот од Серија А во Тбилиси, како и златни медали на Европското првенство за помлади сениори во Лимасол и на Медитеранските игри во Таранто.

Меѓу добитниците се најде и Александар Кузмановски, селектор на македонската А-репрезентација во карате и тренер во клубот „Олимпик Скопје“, каде тренираат врвни натпреварувачи како Белистојаноски и Вероника Костовска. За својот долгогодишен придонес во спортското организирање беа наградени Ирена Митровска, актуелна претседателка на Федерацијата за кревање тегови и секретарка на Кик-бокс федерацијата, како и Дејан Боневски, професор по физичко образование и спорт во основното училиште „Наум Наумовски Борче“. Признание добија и меѓународната ракометна судиска двојка Силвана Карбеска и Марија Илиева, кои од 2009 година успешно ја делат правдата на светски и европски првенства во сала и на плажа, како и спортскиот новинар Сашо Кузмановски, кој веќе 25 години ја извршува функцијата програмски уредник на Спортското радио 90.3.

За посебните достигнувања во тековната година, специјална награда доби спелеонуркачкиот клуб „Врело“, по нивниот неверојатен потфат со истоимената експедиција реализирана во периодот од 11 до 17 октомври. Врвно организираната меѓународна екипа од 15 членови од Македонија, Полска и Италија успеа да постави неколку нови светски рекорди, вклучувајќи истражување на најдлабоката пештера во која човек досега навлегол, како и рекорди за најдлабоко пештерско нуркање и нуркање во отворени води. Традиционалните награди „13 Ноември“, кои се доделуваат континуирано од 1970 година во чест на денот на ослободувањето на градот Скопје, претставуваат највисока верификација за врвните спортски достигнувања и несебичниот ангажман на сите чинители кои придонесуваат за афирмација на македонскиот спорт.