Фудбалер на Јунајтед има 12 сезони во кариерата и никогаш не почнал две по ред со - ист тренер!
Но, оваа тренерска смена на „Олд Трафорд“ на виделина извади еден од најбизарните статистички податоци во модерниот фудбал, директно поврзан со холандскиот дефанзивец Матијас де Лихт. Со заминувањето на англискиот стратег, продолжува неверојатната низа на централниот бек, кој во својата досегашна професионална кариера никогаш нема започнато две сезони по ред под водство на ист главен тренер.
Ова необично „проклетство“ започна уште во средината на сезоната 2016/17, кога Де Лихт дебитираше за Ајакс под палката на Петер Бош. По заминувањето на Бош, следната кампања холандскиот гигант ја започна со Марсел Кајзер, кој веќе во декември 2017 година беше заменет од Ерик тен Хаг. Иако сезоната 2018/19 ја мина целосно со Тен Хаг, младиот дефанзивец следното лето направи голем трансфер во Јувентус, каде на клупата го пречека Маурицио Сари. Трендот на брзи промени продолжи и во Торино, па така во сезоната 2020/21 тимот го презеде Андреа Пирло, кој исто така се задржа само една година. Следната сезона раководството на „старата дама“ му ја довери екипата на Масимилијано Алегри, по што Де Лихт одлучи да реализира трансфер во Баерн Минхен.
Во Баварија го дочека Јулијан Нагелсман, кој заработи отказ во март 2023 година и беше наследен од Томас Тухел, чиј мандат пак траеше само до крајот на сезоната 2023/24. Преселбата во Манчестер Јунајтед во летото 2024 година значеше повторна соработка со Ерик тен Хаг, но тој набрзо беше заменет од Рубен Аморим. Португалскиот стручњак се задржа на „Олд Трафорд“ до мај 2026 година, отстапувајќи му го местото на Мајкл Керик кој првично пристигна како привремено решение пред да добие траен договор. Со најновиот развој на настаните, врачувањето на отказот за Керик и најавеното пристигнување на нов менаџер во клубот, Матајс де Лихт со сигурност ќе ја започне својата дванаесетта по ред професионална сезона со различен шеф на стручниот штаб.