Младата репрезентација на Македонија поразена од Србија

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година загуби со 0-2 од соодветната селекција на Србија на пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Караѓорѓе“ во Нови Сад.

Македонските фудбалери имаа добар влез во натпреварот и уште во почетните минути Величковски се закани кон домашниот гол, но не успеа да ја искористи можноста за водство. Казната пристигна во 16. минута, кога Милосављевиќ ја затресе македонската мрежа и ѝ донесе предност на Србија.

Во натамошниот дел од мечот се водеше израмнета битка, а по паузата двата селектора направија повеќе измени. Македонија се обидуваше да стигне до израмнување, а во 64. минута Трајков ја погоди мрежата по асистенција на Велков. Сепак, погодокот не беше признат поради офсајд.

Србите во 76. минута имаа можност да ја зголемат предноста, кога Милосављевиќ се најде во две поволни ситуации во рамките на истата акција, но македонската одбрана успеа да интервенира. Три минути подоцна Трајков повторно се закани, овојпат со удар со глава, но топката заврши покрај голот.

Кога се чинеше дека домаќините ќе слават со минимална предност, во судиското продолжение Петровиќ ги разреши сите дилеми. По одлично подготвената акција и додавањето од Луковиќ, тој го совлада Диковски и ги постави конечните 2-0.