Артан Груби ги „шверцувал“ Шверцери во МНТ, тие испокршиле орнаменти на седиштата!

Фотографиите и видеата кои викендов кружеа по социјалните мрежи од дивеењето на навивачката група „Шверцери“ во Македонскиот народен театар (МНТ) при прославата на 30-годишнината од формирањето предизвика голем револт кај обичните граѓани, а дури денеска донесе и реакција од тие што дозволиле ваков настан да се случи во храм на културата.

Според директорката на МНТ, Симона Угриновска, никој не очекувал вакво демолирање на објектот, но и дека главен координатор на прославата на навивачите на Шкупи бил поранешниот водач на групата, а сега пратеник во Собранието, Артан Груби.

„Се работеше за два настана во организација на Владата и никој не очекуваше вакво нешто. Првиот дел помина во најдобар ред, Свечена академија и одбележување на Денот на албанската азбука, а потоа започна вториот, за кој пратеникот Артан Груби беше координатор и ме извести дека се работи за проекција на документарен филм за 'Шверцери'. Посетителите си влегоа културно во театарот, а тоа што се случи потоа беше голем шок. Полицијата влезе внатре, но не интервенираше. Значи, тоа беше маса на народ, слично како на спортски натпревар. Ќе се утврдува колку е точниот износ на направената штета“, изјави директорката за „Фокус“.

Припадниците на „Шверцери“ недолично се однесувале за време на прикажување на документарниот филм за нивната група, кршејќи орнаменти на седиштата и висејќи по реквизитите, поради што е направена голема материјална штета.