
Јаховиќ се пензионира од националниот тим: Спомените ќе ги чувам засекогаш!
Јаховиќ беше репрезентативец од 2012 година, а потоа имаше еден период во кој не беше дел од националниот тим поради кавга со екс-селекторот Игор Ангеловски, а во репрезентацијата се врати по доаѓањето на Благоја Милевски. Сега, еден од најискусните фудбалери реши да стави крај на репрезентативната кариера и да се посвести само на клупски план, откако летово потпиша за турскиот второлигаш Бодрумспор.
Центарфорот кој има 35 години има 19 настапи за Македонија (три гола) доби поштеда и не играше во јунските мечеви во Лигата на нациите, а негов последен настап за Македонија беше со Германија лани во мундијалските квалификации, по што поради повреда не беше во комбинација за дуелите во баражите во март, а потоа доби поштеда да не игра ни во јуни.
Тој во писмото до ФФМ, селекторот и македонската јавност објави крај на репрезентативната кариера зашто не е во можност потполно да одговори на обврските.
„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.
Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.
Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.
Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат.
Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација.
Напред Македонија“, напиша Јаховиќ.
Македонија во Бојан Миовски, Милан Ристовски и Доријан Бабунски има три млади напаѓачи со голема иднина. Јаховиќ е последен во низата кој оди во пензија откако ланското лето после Еуро 2020 се повлекоа Гоан Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велкоски.