Кадетите против најсилните во Европа сакаат да го обелат образот на макбаскетот!
Жолто-црвените се во група со Шпанија, Грција и Црна Гора, која претставува загревање и битка за полесен противник за осминафиналето во кое ќе се најдат сите учесници. Целта на нашите таленти е опстанок во елитата.
„По успешно реализираните подготовки во траење од 45 дена, комплетни и спремни за надигрување влегуваме во дуелите со најсилната кадетска конкуренција. Чест ни е да биделе дел од ова натпреварување и во оваа прилика можам да ветам дека ќе го дадеме нашиот максимум за националниот дрес. Тоа што сме домаќини на ова првенство ќе ни биде мотив плус за добра игра, а во исто време посакувам и да не изостане и поддршката од трибините. Очекувам публиката да ни даде дополнителна енергија во реализација на нашите планови, тоа многу ќе ни значи“, вели селекторот Андреј Апостолски-Лечиќ.
Утрешен прв предизвик за кадетите на Македонија, која сите натпревари од првата фаза ќе ги игра од 18.45 часот во салата СРЦ „Кале“ е селекцијата на Црна Гора. В сабота нашите репрезентативци ќе ги одмерат силите со Грција, а в недела против Шпанија.