Надал збунет: Не знаев дека можам да играм и ако сум позитивен на Ковид-19!

Откажувањата на ланскиот финалист Матео Беретини и хрватскиот ветеран Марин Чилиќ од годинешниот „Вимблдон“ поради позитивни тестови и симптоми на Ковид-19 внесе немир меѓу тенисерите кои учествуваат на „неофицијалното светско првенство“, меѓу кои беше и Рафаел Надал.

Шпанецот често го споменуваа како потенцијална „жртва“ на контактот што го имал со Беретини непосредно пред турнирот, но тој без проблем го одигра мечот од првото коло против Серундоло (3-1). Конфузијата во Лондон е до толку голема што и самите тенисери не знаат што треба да направат ако им се појават симптоми на коронавирусот.

„Кога се зборува за вака чувствителни работи, лесно е да се создаде недоразбирање. Информацијата која јас ја имам, а не знам дали е точна, е тоа дека играчот може сам да реши дали да се тестира. Одлуката е негова, но ако биде позитивен, јас тоа што го знам е дека не може да игра. Но, вие сега ми велите дека можеш да продолжиш со настапот дури и ако си позитивен, но навистина не знам, не би навлегувал во тоа. Знам дека можеш да одлучиш дали да се тестираш доколку не се чувствуваш добро. Јас се чувствувам добро и жал ми е за Беретини. Тој освои два турнири пред 'Вимблдон' и беше еден од фаворитите, – изјави Надал на прес-конференцијата по вчерашниот прв дуел во Велика Британија.