Етеми со гол и асистенција го донесе Истанбул на чекор до финале за пласман во елитата (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Валон Етеми блесна денеска во пресрет на почетокот на подготовките за Лигата на нации, па со гол и асистенција го водеше Истанбулспор до голем триумф против Ерзурум во првиот меч од полуфиналниот бараж за пласман во турската Суперлига (4-1).

Етеми дојде до седмиот гол и деветтата асистенција во сезонава, најдобра за него во кариерата, па во Ерзурум после 16 минути му асистираше на Јазган за водство, а во 75-та даде гол за убедливи 3-0 во тој момент.

Рока во 63-та и Сарикаја во 86-та дадоа уште голови за Истанбулспор, а Тозлу погоди во 80-та и во 96-та минута колку Ерзурум да не доживее катастрофа и да остане барем со теоретски достижни два гола негатива за реваншот.

Реваншот е во недела, а во второто полуфинале играат Бандирмаспор и Ејупспор.