Елмас: Жал ми е за Италија, ама посилниот не победува секогаш

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и порача на италијанската јавност дека жали што „аѕурите“ вторпат по ред нема да играат на Светското првенство, во Катар на крајот на годинава, после елиминацијата уште во мундијалскиот полуфинален плејоф од Македонија со 0-1 во Палермо, меч на кој македонскиот дијамант од Наполи поради суспензија не играше.

Елмас минатиот викенд даде гол за да ја запечати победата на Наполи во трката за титулата на многу тешкото гостување кај Аталанта во Бергамо (3-1), но на Апенините нстрана жестоката трка на „скудетото“ на наполитанците со миланските Интер и Милан, сѐ уште топ тема е катастрофата што ја доживеаа „аѕурите“.

„За Македонија тоа беше победа од соништата. Пресреќни бевме после таа победа. Јас не играв, бев на трибините поради суспензија и сон е на секој да ја победи Италија. Жал ми е за Италија, имам многу пријатели Италијанци и Италија заслужува да игра на Светско првенство. Против нас одиграа фантастичен меч, но таков е фудбалот – не победува секогаш подобриот и посилниот“, рече Елмас.

Македонија не успеа да го оствари мундијалскиот сон после победата над Италија, зашто во финалето во Порто загубивме со 0-2 од Португалија.