Екипата на Чаир 2030 е на добар пат да обезбеди влез во кошаркарската елита со оглед на доминацијата на теренот и првото место на табелата во Втора лига со скор 19-1, што воедно би можело да значи и дополнителна главоболка за комесарот Александар Милојевиќ, со оглед на работите кои се случуваат на средбите на овој тим.

Причина за ваквата констатација е забелешката од делегатот на неодамнешното дерби против Соколи 1933 (95-64) за отсуство на македонско знаме во салата „Шабан Трстена“ во Скопје. Според актите, присуството на државниот симбол е задолжителен на сите средби под ингеренции на КФМ, но без напомена дека средбата не смее да почне без тоа да биде истакнато, туку е предвидена парична казна. Во овој случај, касата на Чаир 203 остана попразна за „дури“ 3.000 денари поред немањето желба или, пак, случајниот превид да се истакне знамето на Македонија, барем така пишува во Билтенот број 22.

Но, затоа во салата доминираа албански знамиња, кои беа истакнати на највидливите места, како и во публиката меѓу навивачите. Ова, секако, е очекувано и разбирливо со оглед што тимот е претставник на албанското малцинство, иако е прашање како било можно да се најдат и истакнат толку многу знамиња на западниот сосед, но домаќинот не успеал да најде барем еден симбол на државата во која се борат да влезат во Првата лига. Ова не е првпат вакви проблеми да се случуваат во макбаскетот со неистакнување државно знаме, со оглед што и во минатото имало вакви проблеми и тоа претежно со екипи кои настапуваа(т) во Чаир, како Лирија и Шкупи.

Според фотографиите објавени на официјални профил на Фејсбук на Чаир 2030, може да се види дека во салата биле запалени чадни бомби, што секако е прекршок според актите на КФМ, а во „два-три наврати имало вулгарно скандирање кон гостинската екипа“, поради што чаирчани се казнети со дополнителни 8.000 денари.

ФОТО: БЦ Чаир - Фејсбук