Италијански медуми: Добра вест е што Елмас нема да игра против 'аѕурите'!

Италија ја доби Македонија за противник во полуфиналниот бараж во најтешкиот „фајнлфор-турнир“ во овој мундијалски плеј-оф, па на Апенините не се баш најсреќни од фактот дека ја добија Македонија, зашто имаат голем респект кон нашата селекција, а посебно зашто вкрстувањето во финалето за една мундијалска виза е најверојатно со Португалија предводена од Кристијано Роналдо, која е апсолутен фаворит против Турција.

Но, додека стигнат до финале, Италијанците треба да ја поминат прво нашата селекција, а скоро да нема медиум на Чизмата кој не посочува дека Македонија можеби е аутсајдер на хартија, ама во реалност не е баш лесен залак, посебно истакнувајќи ја победата на црвено-жолтите во Германија во март годинава на почетокот на овој мундијалски циклус.

И ако за нешто барем се среќни во моментов е фактот дека против нив нема да игра Елиф Елмас, македонскиот дијамант од Наполи, кој добро го знае италијанската јавност, а сезонава игра во одлична форма откако Лучано Спалети му дава минутажа и има голема доверба во него.

„Македонија не е непобедлив тим, ама не е ни тим со кој лесно се игра и Германија тоа добро го почувастува. Ѕвезда на тимот е Елиф Елмас, наследникот на Горан Пандев, квалитетен играч за врска кој несомнено е најдобар македонски фудбалер. Па, добра вест за Италија е што Елиф нема да игра против 'аѕурите', зашто седумката на Наполи е суспендирана за жолти картони и ќе го прескокне полуфиналето. Младиот фудбалер од генерацијата 1999 доби жолт картон за суспензија на последниот меч со Исланд на кој даде два гола“, пишуваат медиумите од Апенините.