Сè што не ви е јасно за баражот за СП 2022 во еден текст!

Пласманот на Македонија во бараж за едно Светско првенство е ново, возвишено искуство за фудбалерите, арно ама е нов момент и за јавноста, иако со децении сонува за тоа. Дополнителни нејаснотии предизвикува променетиот систем на бараж или, таканаречен плејоф. Во овој текст се одговорите на најчесто поставуваните прашања на оваа тема.

- Дали се игра класичен бараж, дома-гости?

НЕ! Се игра нов модел на бараж или плејоф, по примерот на оној со кој се пласиравме на ЕУРО 2020, кога ги совладавме Косово и Грузија. Наместо класични двојки и натпревари дома-гости, екипите се поделени во три групи, со по четири селекции. Во рамките на тие групи се игра полуфинале и финале (по еден меч, без реванши). Трите репрезентации победници во тие групи одат на Светско првенствго.

- Кој сè учествува во плејофот?

Учествуваат сите десет второлпасирани во овие квалификации, плус две репрезентации кои доаѓаат од последната Лига на нации.

- Како се одредува кој со кого игра?

Со ждрепка. Ќе биде одржана во Цирих на 26 ноември во 17 часот.

- Како се поделени екипите во ждрепката?

Поделени ќе бидат во два „шешира“: носители и неносители. Таа поделба е направена врз основа на успехот во квалификацииве, односно бројот на освоените бодови. На пример, во моментов на пишување на овој текст, Србија е најдобра меѓу второпласираните селекции со 17 освоени бода, а Македонија е осма меѓу десетте, со 12 бода. Во пресметувањето се бришат бодовите освоени против ривалите кои завршиле шести во групите, како во нашиот случај Лихтенштајн. Тоа е така бидејќи некои групи имаат само пет екипи, па на овој начин се врши израмнување (Македонија освои вкупно 18, но минус шесте со Лихтенштајн има 12 во ова рангирање).

Така што, според освоените бодови, најдобрите шест второпласирани репрезентации ќе бидат во „шеширот“ носители, а останатите четири, плус двете селекции кои доаѓаат од Лига на нации ќе бидат неносители. Македонија е потврдена меѓу неносителите.

- Кој е домаќин, а кој гостин во полуфиналето и финалето од плејофот?

Полуфиналните натпревари се играат на теренот на носителите. Тоа значи дека Македонија во полуфиналето од својата група сигурно ќе гостува.

Добрата вест е дека ако се пласираме во финале можно е да бидеме домаќини. Кој ќе биде домаќин од двата победника во полуфиналињата се одредува со ждрепка, исто така на 26 ноември.

- Кога се игра плејофот?

Полуфиналињата се играат на 24 и 25 март 2022 година, финалињата на 28 и 29 март.

- Кои се потенцијалните противници на Македонија?

Во моментов на пишување на овој текст не се завршени сите натпревари од квалификациите и затоа не се знаат точните противници. Меѓутоа, ако се суди според тоа како стојат работите во моментов, потенцијални противници ни се: Португалија, Русија, Швајцарија, Шведска, Полска и Велс.