КФМ го казни Еуро Никел поради напади врз судиите на – Фејсбук (ФОТО)

Комесарот за натпреварување во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Александар Милојевиќ, го казни тимот на Еуро Никел со 10.000 денари за „јавно коментирање на судењето“, што се случи во два наврати и тоа по првиот и вториот меч од плејоф-серијата со МЗТ Скопје, во која загубија со чисто 0-3.

Кавадарчани се казнети според член 56.9 од Пропозициите за натпреварување, со оглед што е строго забрането јавно да се коментира начинот на кој делителите на правдата ја извршуваат својата задача. На официјалниот профил на Фејсбук на клубот од Тиквешијата прво беше напишано дека „им било тешко да играат против осуммина на теренот“, алудирајќи дека тројцата судии биле на страна на МЗТ. По вториот дуел, пак, тие потенцираа ситуација која според нив била спорна (играње со нога) и најавија дека за следната сезона, за средбите од полуфиналето и финалето, ќе бараат да бидат делегирани странски судии.

Поради истата работа, коментирање на работата на официјалните лица во медиумите, казет е и бекот на тимот од Кавадарци, Никола Караколев и тоа со 6.000 денари. Сето ова, заедно со останатите казни од последните две рунди од доигрувањето, изречени претежно за технички грешки, како и за веќе објавените пропусти од организација на првиот финален дуел кога имало публика на трибините повеќе од што требало, во салата на КФМ ќе се слеат вкупно 100.400 денари.