Дебито во двојна функција на македонската ракометна икона Кирил Лазаров, како тренер-играч, со триумфот над светскиот првак Данска синоќа во евроквалификациите, ја разбранува Европа, која буквално му се поклони на Македонецот.

„Сензација во Скопје, селекторот Лазаров даде четири гола“, „Киро е чудо...“, „Сензационално деби на ракометната легенда“, „Лазаров може сѐ“, „Македонскиот витез на дебито го урна светскиот првак“....

Вака изгледаат насловите во голем дел од регионалните и европски медиуми откако недопирливата Данска, двоен светски првак во низа и актуелен олимписки шампион, падна во Скопје и тоа на дебито на Лазаров како селектор, особено после ужасниот настап на македонската репрезентација само нецели два месеци на Мундијалот во Египет.