Несторовски: Имаме шанси за бараж за СП, а на Евро 2021 одиме да изненадиме!

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски во интервју за италијанскиот дел на популарниот фудбалски сајт „Гол.ком“, посочи дека Македонија има шанси за бараж за Светското првенство во Катар идната година, а дека на Евро 2021, без оглед на тешката група, ќе оди да изненади и да се пласира во осминафиналето.

Прилепчанецот од 2016 година игра во Италија, откако Палермо го купи за пола милион евра од Интер Запрешиќ, а во летото 2019 година откако сицилијанскиот тим банкротираше се пресели како слободен играч во Удинезе. Сега ја игра втората сезона во Удине, иако не добива преголема шанса за да ги покаже своите квалитети, па сезонава има само еден гол.

„Многу сум среќен што испишавме историја со пласманот на Евро 2021 и среќен сум што ќе играм на така голем турнир. Имаме тешка и компликувана група (Холандија, Австрија и Украина – н.з.), но сакаме да направиме нешто посебно и се надеваме дека можеме. Тоа би било голема работа. Во мундијалските квалификации имаме добра група. Германија е апсолутен фаворит, но ние сме меѓу тимовите за второ место и имаме шанси. Веруваме во својот квалитет, во својата сила и се надеваме дека можеме до тоа второ место. Но, да одиме чекор по чекор“, вели Несторовски.

Македонија за еден месец ќе ги стартува мундијалските квалификации со гостување во Романија, па следи домашен меч со Лихтенштајн, па гостување во Германија, а потоа настап на Евро 2021 од 11 јуни до 11 јули, по што од септември продолжува квалификацискиот циклус.

Несторовски посочува дека на лето ако добие понуди за трансфер сериозно ќе ги разгледа, па и тие од Блискиот исток, откако претходно одбил неколку сакајќи да остане во Италија.

„Јас имав низа понуди, но кога станав слободен (после банкротот на Палермо – н.з.), сакав да останам во Италија, па кога дојде понудата од Удинезе, без размислување ја прифатив. Но, имаше интерес од три-четири екипи од арапските земји, имав и некои разговори, ама се навикнав на животот во Италија и затоа сакав да останам. Сега, ако дојдат нови понуди ќе размислам, зашто има многу големи имиња кои играат во арапскиот фудбал, Катар е домаќин на СП, се инвестира многу во тамошниот фудбал. Во фудбалот никогаш не се вели никогаш. Со Удинезе имам уште една година договор, но сега сум фокусиран на сезонава и на Евро 2021, а потоа ќе видиме. Ако во иднина дојде добра понуда, сѐ може да се случи“, додава Несторовски.