
Случај лизгалиште „Кале“: Ќе се занимава ли Обвинителството со договорот помеѓу Шпенди Хајредин и Даниел Димевски?
На почетокот на годинава ЈП за стопанисување со спортски објекти, од тогашниот директор Шпенди Хајредини, без надомест на рок од 30 години го издал лизгалиштето на „Кале“ во површина од 5.700 м/2 на Лизгачката федерација на Македонија, а кратко потоа и целиот простор околу лизгалиштето на приватната фирма на Даниел Димевски.
За целиот овој простор Димевски требало да плаќа по 600 евра месечно како надомест, а притоа имал можност да изврши пренамена на објектот.
За Антикорупциска беше спорно што функционер на Владата земал под закуп простор каде што сопственик е јавно претпријатие формирано токму од Владата. За овој случај е поднесена и кривична пријава до Основното јавно обивнителство кое треба да истражи дали покрај корупциските и неморални елементи има и криминални.
Спорно, според пријавата, која има дополнување од пред еден месец е тоа што фирмата на советникот и порано имала договор за закуп со јавното претпријатие при што останала должна за околу 2,5 милиона денари, а според Правилникот за издавање на спортски објекти јасно е наведено дека: „Правно лице кое по било кој основ има неплатени доспеани обврски кон ЈП, не може да се стекне со својство на закупец“.
Дали советникот ја искористил својата положба како владин функционер за да влијае да се склучи договорот за закуп и при тоа да оствари корист за себе ќе одлучи Обвинителството.