Грчки Панатинаикос сака да ни „украде“ голем кошаркарски бисер!

Еден од најталентираните македонски кошаркари во својата возрасна категорија, Теодор Симиќ е меѓу играчите кои се на радарот на повеќекратниот европски шампион Панатинаикос, каде што викендов беше на специјална покана на тренерот на овој тим, Чави Пасквал.

Иако има само 13 години, тој одработе индивидуални тренинзи со првиот тим на „детелините“ од Атина, а работеше заедно со јуниорскиот состав на ПАО каде што одлично се снаоѓаше против за пет години повозрасни противници. Станува збор за син на поранешниот македонски репрезентативец и еден од најтрофејните кошаркари кај нас, Тони Симиќ, кој веќе ја надмина границата од два метри и кому стручњаците му предвидуваат светла иднина.

Панатинаикос не е единствениот европски тим кој будно го следи развојот на Симиќ јуниор, со оглед што талентираниот кошаркар во април годинава беше во Италија каде што работеше со еден од најдобрите клубови за млади играчи, Стела Азура.

„Малиот“ Симиќ во моментов настапува за Партизан Водно санс, а летово беше дел од репрезентацијата на Македонија за играчи до 13 години.