Вардаров талент и репрезентативец почна да ги тресе мрежите во Бугарија (ВИДЕО)

Вардаровиот талент Марио Илиевски, кој штотуку стана полнолетен, а пред две години си замина од младинската школа на црвено-црните почна да дава голови како интернационалец, па вчера за софиски Септември го постигна првиот гол во странство во поразот од Локомотив Софија со 2-5.

Илиевски е вардарово дете, кој ги мина сите младински категории, играше и за постари генерации во периодот додека беше член на вардаровата Академија, а уште во детската лига собираше признанија за најдобар стрелец и фудбалер. Преку Вардар Неготино и лани за Тиквеш, Илиевски сега тргнува во интернационалната кариера и стартот му е и тоа како ветувачки.

Станува збор за македонски репрезентативец до 17 и 19 години, генерациски со уште еден вардаров талент Леонид Игњатов, кој летово по распадот на црвено-црните се пресели во сплитски Хајдук. Инаку Илиевски веќе беше дел и од кампот на селекторот на младата репрезентација до 21 година, Благоја Милевски во Охрид во февруари годинава, а постигна гол за победа против БиХ за селекцијата до 18 години во пријателскиот двомеч.

Сега младиот фудбалер за врска овој прв интернационален гол да му биде мотив повеќе во понатамошниот развој на кариерата.