Мерцедес не менува ништо, Ботас останува партнер на Хамилтон и во 2021!

Шампионот во Формула 1, тимот на Мерцедес денеска потврди дека ќе го продолжи договорот на Валтери Ботас и за следната, 2021 година.

Финецот ги уверил челниците на тимот дека е најдобриот можен партнер на Луис Хамилтон во моментов, затоа тие нема да менуваат ништо и за следната сезона.

„Валтери одигра клучна улога во освојувањето на титулата кај конструкторите во последните три сезони и заврши втор во поредокот за возачи во 2019, а и сега е втор во генералниот пласман, затоа сме воодушевени да објавиме дека го продолжуваме неговиот договор“, пишува во соопштението на Мерцедес.

Финецот дојде во Мерцедес во 2017 година, како замена за Нико Розберг, откако претходно мина четири сезони во Вилијамс. Има 30 години, а во периодот во Мерцедес досега забележа осум победи и 37 подиуми.

„Благодарност до сите во тимот и до поширокото семејство на Мерцедес за поддршката и за нивната доверба во мене. Горд сум што ќе го претставувам овој голем тим и трокраката ѕвезда во нашето патување и во следната сезона. Минатите четири сезони беа константно напредување, работа на секој аспект од мојот перформанс. Верувам дека денес сум најсилен што сум бил, но секогаш можам и подобро. Мерцедес ја има истата философија, секогаш сакаат да бидат подобри и секогаш се гладни за повеќе“, изјави Ботас.

Беше огромно прашање уште ланското лето дали Мерцедес ќе ја продолжи соработката со него, со оглед дека тогаш беше достапен Макс Ферстапен. Но, Холанѓанецот доби нов договор од Ред бул, до 2023 година, па Ботас продолжи во Мерцедес. Сега се спомнуваа како негови против-кандидати Себастијан Фетел (завршува со Ферари на крајот од 2020), како и Џорџ Расел од Вилијамс, но Ботас повторно ја доби довербата.