„Сакам со Порто да бидам дел од спектаклот во Келн!“

Еден од најдобрите македонски голмани во моментов и репрезентативен чувар на мрежата, Никола Митревски, во следните две сезони ќе настапува во дресот на португалскиот прволигаш Порто, со кого сака да ја оствари својата најголема желба – пласман на завршниот турнир од Лигата на шампионите.

Тој беше желба и на тренерот на Вардар, Стевче Алушевски, но реши да ја прифати понудата од Португалците, која подолг период му стои на маса.

„Лани играв против Порто во ЕХФ-купот и знам како функционира овој клуб. Не размислував премногу кога ја добив понудата. Порто има добар состав и да не беше пандемијата со коронавирусот, сигурен сум дека имаше шанси да стигне до завршниот турнир од ЛШ. Верувам дека добро ќе се адаптирам и дека ќе имам добра сезона, со многу победи и многу титули. Се надевам дека ќе продолжиме со освојување на титули во Португалија и дека ќе се обидеме да стигнеме до спектакуларната завршница во Келн“, изјави Митревски за официјалниот сајт на Порто.

Тој доаѓа на местото на Австриецот Томас Бауер, а ќе брани во тандем со Алфредо Кинтана, кој беше прв голман на Порто во изминатиот период.