Актуелниот македонски шампион Шкендија денеска и официјално ги почна подготовките за рестартот на сезоната во Првата лига по сите препораки препишани со протоколот кој го изработи ФФМ во координација со комисијата за заразни болести.

Делува чудно за сите, ама фудбалерите мора да носат маски, да држат дистанза во овие први фази на тренинзи, а пред стартот им се мери и температурата, за во случај некој да има покачена температура експресно да биде изолиран и да се спречи евентуална зараза и ширење на истата.

ФФМ вчера донесе одлука за продолжение на сезоната по скратен формат со доигрување на четирите кола од третиот круг во Првата лига, а потоа поделба на лигата на плејоф и плејаут, па тетовци во вкупно девет кола ќе треба да надоместат цели 11 бода во однос на Вардар во трката за шампионската титула.

Според планот, Првата лига треба да се рестартира на 14 или 21 јуни, во зависност кога кризниот штаб за справување со Ковид-19 ќе даде „зелено светло“. Македонските прволигаши полека почнаа со подготовките, кои според протоколот во три фази треба да траат 20-на дена.