Малку фалело Ибрахимовиќ и Кавани да му станат соиграчи на Алиоски во Лидс

Светските фудбалски суперѕвезди Златан Ибрахимовиќ и Единсон Кавани за малку можеле да му станат соиграчи на македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски во Лидс, откри газдата на клубот, Андреа Радрицани, кој за „Скај Италија“ објавил дека имал сериозни разговори зимоска за ангажман на овие двајца фудбалери.

Ибрахимовиќ од ЛА Галакси зимава се пресели во Милан, додека на Кавани во „пет до 12“ му пропадна трансферот во Атлетико Мадрид, но од позадина Лидс водел жестока битка за нивните потписи, но не ангажиран ниту еден.

„Многу поконкретно разговарав со Златан. Можеше да дојде, ама се реши за Милан. И беше многу искрен и транспарентен. Но, јас не разговарав со Марсело Биелса за Ибра или Кавани, зашто чекавме конечен одговор, а ако ако работата дојдеше во фаза да започнеме преговори за личните услови, тогаш секако ќе разговаравме со Марсело за нив двајца. Сепак, тие избраа други решенија и тоа е тоа“, рекол Радрицани.

Лидс до прекинот на првенството во Чемпионшип поради коронавирусот беше лидер и на вистински пат да се врати во Премиерлигата.