Чупиќ: Колку пари толку музика, овој Вардар не е за осумте најдобри во ЛШ!

Вардар имаше доста емотивни пресови оваа сезона, но овој по натпреварот против Монпелје (27-31) ги засени сите говори досега. „Виновник“ за тоа е Иван Чупиќ, кој отвори срце и без никакви влакна на јазикот или задршки во емоциите.

Од почетокот, Чупиќ се осврна на натпреварот и на фактот дека ваква ситуација им се пресликува веќе некое време: да играат рамноравно, а потоа да ги испуштат бодовите.

„Во завршните моменти, не дека не игравме добро, но немаме квалитет на тренинзи, немаме долг ростер на клупа и секој натпревар до 30-40. минута сме добри, нè држат можеби и голманите во натпреварите. А потоа се знае дека ни недостига искуство, ни недостига подолга клупа“, почна Чупиќ и продолжи.

Продолжи за мачните тренинзи оваа недела, едвај со комплетна екипа.

„Глупаво е сега да зборуваме, но вчера и завчера трениравме со 5-6 играчи, што поради повреди, што поради болест, вирус. Некои играчи имаат повреди подолго време, а се вратија за да помогнат, немаат тренинзи како што треба. Ова се случува веќе 2-3 месеца, да паѓаме во завршницата во натпреварите, губиме и концентрација и фаќа нервоза... Тоа се моментите кога губите еден бод или два, а кои се многу важни. Ни недостига она нешто што е неопходно за да победувате во Лигата на шампионите, да играме повеќе од 35-40 минути. Гледате денеска бевме добри до одреден момент со Монпелје, но кај нив играше Симонет, па потоа игра Ричардсон, па Деска, па Гребиј..... да не им ја набројувам цела екипа. А кај нас Сергеј (Горбок) не ни тренираше оваа недела. Тешко ми е сега да ви објаснам како е од оваа страна, како е да се тренира и да се игра вака. Не е дека ние не сме победници, но во моментов таква е нашата реалност, засега тоа е шестото место. Не сакам да излегува дека сакам да кукам или да плачам. Секоја недела велиме ќе сакаме, ќе можеме, но во спортот така оди: колку пари – толку музика. Ова е реалноста на Вардар и мислам дека ние извлекуваме и повеќе отколку што оваа екипа вреди. Не сакам сега да ја омаловажувам вредноста на моите играчи, тие се најдобри, јас ќе ги сакам најмногу додека сме овде заедно, тие се најдобри на светот“, искрено кажа хрватското крило.

Не заборави да влезе во кожата и на Стевче Алушовски и на неговите двајца претходници, кои заедно со нив се борат против ветерници цела сезона.

„Еве овде со мене е третиот тренер веќе оваа сезона, тешко му е и нему, тешко им беше и на Еди и на Писонеро. Еден тренер на Вардар велеше, нема да кажам име, велеше ако има само шест играчи во Вардар, еден голман треба да ни биде доста за победа. Овие два-три натпревара сме нешто подобри само поради одличните настапи на Кизиќ. Ние во моментов не вредиме за осумте најдобри екипи во ЛШ, ама сепак, утре, задутре пак ќе дојдеме на тренинг и пак ќе сакаме да играме, да бидеме подобри, да победиме кој и да ни дојде следен“, продолжи Чупиќ.

Сега следува заслужена оддишка за ракометарите, но не предолго, на 8 март гостуваат кај Нексе, а на 15 го пречекуваат во Скопје, во четвртфиналето од СЕХА. Потоа им доаѓа, најверојатно, Пик Сегед и повторно сонот за пласман во Келн, иако сега е подалечен од кога било.

„Да се разбереме, јЈас сакам со оваа екипа да одам во Келн, затоа што е сон да одиш во Келн и цела соблекувална го сонува тоа, ама тешко е. Сепак, додека не одиграме, додека некој не нè победи денеска Монпелје, не се предаваме. Денеска натпреварот не го загуби Вардар, туку јас, бидејќи утнав 5-6 зицери. Да ги погодев ќе победевме. Но дури и да победевме повторно ќе биде тешко од понеделник. Ќе одиме во Нашице, веројатно со автобус, да плати некој авион, би било убаво. Не е ова зборување против клубот, јас едноставно зборувам за мојата соблекувална. Тоа е моја соблекувална. Тешко е, ама ќе видиме, по Нашице можеби ќе биде нешто поинаку, ако победиме. Секогаш е поубаво чувството кога победувате.“, заврши Чупиќ на течен македонски јазик.

Потсети дека имаше пет постигнати погодоци од 10 удари, но и со таков ефект беше еден од поефикасените во вардаровиот тим.