Работнички остана без бек, а на негово место (ќе) ангажира – крилен центар!

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, екипата на Работнички, во еден ден направи две промени во играчкиот состав, откако прво остана без летното засилување од Блокотехна, Горан Главчев, а потоа се засили со српскиот крилен центар, Стефан Балмазовиќ.

Главчев, кој е еден од едноцифрениот број македонски кошаркари кои во кариерата имале трипл-дабл ефект на еден натпревар, кариерата ќе ја продолжи во тимот на Академија ФМП, каде што ќе биде од голема помош во борбата за опстанок. Тој пред неколку години беше на пиширокиот список на тогашниот селектор Јорданчо Давитков, а настапи за националниот тим на турнејата во Кина во 2016 година.

Балмазовиќ, пак, е 30 годишен кошаркар, висок 202 сантиметри, кој кариерата ја почна во Мега Визура и кој во досегашниот дел од сезоната настапувал за унгарскиот прволигаш Фалко со просек од 10,2 поени на 31 одигран натпревар. Претходно, две сезони играл во првенството на Полска и тоа за екипите на Старт Лублин и на Туров. Има и 17 настапи во АБА-лигата во дресот на Раднички Крагујевац во сезоната 2013/14.

Неговото деби се очекува по репрезентативната пауза, која за црвено-белите од „Градски парк“ завршува со вечното дерби против МЗТ Скопје на 1 март во „Јане Сандански“.