Црна Гора е последен тест за ракометарите пред ЕУРО 2020

Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе го одигра последниот контролен натпревар, на четири дена до отворањето на Европското првенство во Австрија, Шведска и во Норвешка. Во 19.30 часот ќе се пресметаме со Црна Гора, во натпревар кој ќе биде затворен за медиумите и нема да имаме можност да го гледаме во пренос ниту на стрим.

Црногорците се погоден противник за ракометарите на Македонија да го завршат подготвителниот период и да ги насочат мислите кон ЕП со победничка мисла. И тие како и ние загубија од Словенија во првиот пријателски меч од оваа турнеа, меѓутоа со убедливи 22-37. Се разбира, тоа што Македонија загуби со пет, а Црна Гора со 15 разлика никако не значи дека сега и ние ќе „се прошетаме“ против нив, особено ако повторно Кире Лазаров отседи на клупа.

Данило Брестовац со Словенија ги тестираше неговите заменици, Велковски и Серафимов, па не е чудо ако повторно им даде можност да се докажат. За жал, сега ќе мора да тестира и варијанти во одбраната, откако Велко Маркоски доби повреда на окото и дефинитивно отпадна од комбинација за ЕП. Без него, нашата зона 6-0 беше конфузна и лесно продорна, па ако е нешто добро во целава несреќа тоа е токму фактот дека има барем 60 минути за да се проверат алтернативите.

Црна Гора и Македонија, теоретски, можат да се сретнат и на ЕП, но за тоа ќе треба и двете да влезат во втората фаза, каде што нивните групи вкрстуваат. Црна Гора игра во групата А, во Грац, заедно со Хрватска, Србија и со Белорусија, а Македонија во Виена, против Австрија, Чешка и со Украина. Последнава е нашиот прв противник, в петок од 19 часот.