Вардар го набрка без причина, а сега е избран за фудбалер на годината! (ФОТО)

Поранешниот напаѓач на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Драган Ќеран ги собра сите најпрестижни награди во Узбекистан откако денеска беше избран за најдобар фудбалер на оваа земја, а покрај оваа награда ја доби и „златната копачка“ за најдобар стрелец, а со тоа се најде и во тимот на сезоната.

Ќеран дојде во Вардар пред три години како засилување за нападот, но не доби преголема шанса во дресот на црвено-црните, одигра само 12 меча во кои постигна пет гола и потоа Србинот беше практично набркан без причина како непотребен за тимот. Откако си замина од Скопје, Ќеран најде ангажман во Узбекистан во таборот на Насаф Карши, а од лани е дел од еден од најпопуларните клубови Пахатор од Ташкент за кој сезонава на 22 меча даде 23 гола (просек над еден гол по меч), а со својот клуб ја освои двојната круна, откако убедливо стана шампион, а потоа го освои и Купот на Узбекистан.

Србинот си замина од Вардар поради недоразбирања со тогашниот кормилар Гоце Седлоски, кој од летоска повторно е дел од црвено-црните како спортски директор на клубот. Ќеран се најавува дека ќе заигра за узбекистанската репрезентација, а инаку во кариерата има играно за Смедерево, Млади Радник, Вестерло, Хапоел Хаифа, Макаби Нетанја, Симурк и Хајер.