„Новата Маракана“ од 200 милиони евра ќе личи на вселенски брод (ФОТО)

Белградска Црвена Звезда, поранешниот европски шампион од 1991 година за три сезони во кои се врати на европската сцена успеа да заработи 100 милиони евра (вклучувајќи и трансфери на дел од своите играчи во овој период), па завчера директорот на клубот Звездан Терзиќ најави дека за две години ќе почне реновирање на „Маракана“ со 200 милиони евра.

И после најавата за модернизација на домот на белградските црвено-бели, српскиот таблоид „Курир“ синоќа објави фотографии од евентуалниот изглед на стадионот, кој за разлика од досегашниот капацитет од преку 55 илјади столчиња ќе биде намален на 42.000.

Ултрамодерниот стадион кој е во план да се изгради, а повеќе од извесно е дека во проектот ќе учествува и државата, веќе доби прекар „Вселенска Маракана“ поради изгледот на „вселенски брод“. Србите веќе го најавија стадионот како најубав и најмодерен на Балканот.

Според најавите две до три години ќе трае изградбата на „новата Маракана“, а стартот на проектот би требало да почне за две години. Веќе има пет планови од кои треба да се избере една, а најважниот дел е дали ќе се тргне атлетската патека или не. Според планот прво ќе се гради источната трибина, потоа страничните „навивачки“ север и југ, додека западната ќе остане иста, со тоа што евентуално би се продолжила кон теренот, ако се тргне атлетската патека.