Гечевски дефинитивно си заминува од КФСМ, на негово место – Сречко Хорват!

Шест месеци по изборот, во новото раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) доаѓа до кадровски промени и тоа во делот на комесарот за натпреварување, функција која досега ја вршеше Лазар Гечевски, кој и официјално ќе биде сменет на првата следна седница на Управниот одбор.

Главна причина за овој потег, неофицијално, се големиот број поплаки од клубовите на сметка на Гечевски, кој и од претседателот Перо Антиќ е означен како главен виновник за низата пропусти кои се случија во Куќата на кошарката во неговиот досегашен мандат. Јавноста најмногу реагираше на новодонесениот Кодекс за однесување, кој е потпишан од досегашниот комесар, а кој на вработените во КФСМ им забрануваше буквално сѐ освен – дишењето.

На негово место речиси сигурно ќе се најде поранешниот судија, а сегашен делегат, Сречко Хорват, кој ја ужива поддршката од речиси сите екипи кои настапуваат во Првата лига, но и на најголем дел од тие од пониските лиги. Тој веќе работеше како комесар за натпреварување и тоа на крајот од мандатот на претходниот прв човек на макбаскетот, Петар Наумоски.