Село гори, баба се чешла: Македонија на сто дена до квалификациите за ЕП сѐ уште е без - селектор!

Одбројувачот до почетокот на квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2021 година во Италија, Германија, Грузија и Чешка немилосрдно се ближи кон бројката од сто дена, но тоа како да не создава дополнителен притисок за првите луѓе на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) во нивната сигурна примарна задача во моментов – наоѓање селектор за најдобрата наша селекција.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Жолто-црвените повеќе од еден месец и официјално се без предводник од клупата, откако Перо Антиќ и соработниците на прес-конференција објавија дека на досегашниот прв човек на националниот тим, Јорданчо Давитков, му завршил договорот и дека тој нема да му биде продолжен. Тогаш беше најавено дека преговорите околу неговиот наследник се во завршна фаза и дека неговото име наскоро ќе биде објавено, но точно 40 дена подоцна ништо на ова поле не е сторено.

Во тие моменти главен фаворит за нов селектор на Македонија беше скопјанецот Октај Махмути, кој, случајно или не, во деновите на овие шпекулации беше во престолнината држејќи предавање на тренерскиот семинар. Тој потоа, меѓу редови, нагласи дека тешко би прифатил работа во некоја репрезентација во овој момент од својата кариера, што најверојатно е и причината што неговото име воопшто не е споменато во изминатиов период.

Пред Махмути воопшто да влезе во игра, од која сѐ уште официјално не излегол односно сѐ уште е сериозен кандидат за наследник на Давитков, во комбинација за селекторската функција се споменуваа имињата на Марин Докузовски и на Емил Рајковиќ. Првиот категорично го демантира тоа, велејќи дека сака одмор од тренерската работа за што потврда е и неговото наименување на шеф на стручниот штаб на Работнички, додека прв тренер е Димитар Мираковски. Вториот, пак, е тренер на Астана, екипа од реномираната ВТБ-лига со која бележи одлични резултати и тешко е да се очекува да добие дозвола од управата на клубот во исто време да работи и како селектор.

Сето ова го намалува изборот на следниот прв човек на репрезентацијата на Македонија, што сигурно е и една од причините што првите луѓе на КФСМ сѐ уште го немаат решено има прашање, иако времето буквално ги гази. Ако се следат насоките од прес-конференцијата од пред 40-тина дена, тогаш е за очекување новиот селектор да биде Македонец што во сериозна конкуренција уфрла имиња како Александар Тодоров, Александар Јончевски и Марјан Илиевски.

Ако се знае дека Тодоров има обврски кон Крајова, клубот од Романија во кој е втора сезона по ред, а Илиевски од неодамна е предводник на косовска Раховеци, тогаш можеби најреално е да се очекува во следниот период Јончевски да излезе како главен фаворит за селекторската функција. Со него би имало и континуитет, со оглед што беше помошник во стручниот штаб на Давитков, а очигледно е и дека новото раководство во КФСМ има доверба во него со оглед што летово работеше со Б-селекцијата на Македонија.

Но, без разлика на сите комбинации и шпекулации, главна обврска на Антиќ и соработниците во моментов е во најскоро време да најдат нов селектор. Квалификациите, во кои Македонија е во група со Естонија, Италија и Русија се речиси „зад аголот“ и со секој одминат ден се губи можност за подготовка за предизвиците кои се пред нас.

Особено што прв ривал на 20 февруари 2020 година ни е директниот конкурент за пласман на ЕП, големиот должник од Естонија и тоа на домашен терен. Натпревар што едноставно не смеее да се загуби.