Келн тргна во акција за да го задржи Чурлинов – му понуди прв професионален договор!

Германскиот бундеслигаш Келн нема намера лесно да се откаже од својот талент Дарко Чурлинов, откако неочекувано пред септемвриската репрезентативна пауза искрсна проблем со иднината на македонскиот талент, кој има „младински договор“ до идното лето.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Според информациите на германските медиуми, но и на челниците на клубот Чурлинов не сака да биде дел од младинските категории, туку бара постојано да биде со првиот тим, за кој веќе официјално дебитираше во Бундеслигата на стартот против Волфсбург на гости (одигра 20 минути). Штутгарт од заднина чека шанса за да го ангажира, но „јарците“ сега веќе му понудиле нова соработка на Македонецот и тоа – прв професионален договор.

„Имавме разговори откако Дарко се врати од Македонија и сега пред него е понуда за професионален договор. Јас се надевам дека ќе го направи вистинскиот избор. Ние сакаме да го задржиме Чурлинов, зашто е голем талент“, вели Армин Вех, директорот на Келн за германските медиуми.

Останува сега македонскиот екстраталент кој даде два гола во убедливата победа за младата селекција против Фарски острови (7-1) да се реши дали ќе остане во Келн или ќе бара друга средина, сооглед дека Штутгарт чека разврска за евентуално да тргне во акција. Вех имал состанок и со младинските тренери и посочил дека Чурлинов ќе ги има сите услови за правилен развој. Тој изминатиот викенд играше за младинскиот тим на Келн, а потоа тренираше со првиот тим.

„Нашиот пристап е дека и вториот тим на фудбалерите им дава тренинзи од највисоко ниво. Во друг случај зошто би имале втор тим“, додава Вех.