Фени по 15 години, три титули, два купа и триумф во БИБЛ замина во – историјата

Натпреварот одигран пред точно три месеци против АВ Охрид во Плејаут лигата ќе остане засекогаш запишан во 15-годишната историја на Фени индустри како последен на тимот од Кавадарци под името со кои беа остварени најголемите успеси – трите шампионски титули, двата пехари во Купот на Македонија и триумфот во Балканската лига (БИБЛ).

Денешниот состанок на Здружението на прволигашите откри дека следната сезона во Првата лига ќе игра екипа со името Еуро Никел, што ќе биде новиот назив на кавадаречниот прволигаш и тоа на прославата на 50-годишнината од неговото оригинално формирање под името Тиквеш. Причина за ова е промената во сопственичката структура, а со тоа и во името на фабриката која е главен спонзор на најуспешниот спортски колектив во Тиквешијата.

Клубот од Кавадарци е формиран во 1969 година, а до 2005 година, кога официјално беше преименуван во Фени индустри, одреден период настапуваше под името Алумни Деком, а две години и како Орка спорт. Во новата сезона, Еуро Никел најавува формирање квалитетен тим кој би можел за почеток да го врати клубот во Суперлигата, а потоа и во борбата за некој од трофеите.