Највозрасниот македонски кошаркар следната сезона ќе игра во – Гостивар!

Со официјално потврденото играчко пензионирање на Димитар Мираковски (38 години) и негова „преселба“ на клупата на Работнички, како и со најавеното повлекување на неговиот соиграч Ѓорѓи Чековски (39), македонската кошарка во следната сезона ќе има нов највозрасен кошаркар и тоа во тимот на Гостивар.

Станува збор за поранешниот репрезентативец, Диме Тасовски, кој денеска го продолжи договорот со гостиварскиот прволигаш со што со полни 38 години го зазеде приматот на листата највозрасни кошаркари кои ќе бидат дел од елитата следната сезона. Ветеранот реши уште една година да бие битки со далеку помладите од себе, меѓу кои ќе има и такви кои не ни биле родени кога тој ја почнуваше професионалната кариера во тимот на Жито Вардар во 1998 година. Тој, сепак, е „мало дете“ во однос на највозрасниот кошаркар во историјата на Првата лига и тоа Будимир Јоловиќ, кој настапуваше за Карпош Соколи кога имаше 49 години.

Крилниот кошаркар по петгодишниот престој во матичниот тим од Велес продолжи да игра за екипите на Вардар, Работнички (во три наврати), Струмица 2005, Фени индустри, Лирија и Карпош Соколи, а има и кусо интернационално искуство настапувајќи за украинска Политекника во 2009 година. Тасовски може да се пофали со пет шампионски титули и еден триумф во Купот на Македонија.

Покрај ветеранот, управата на Гостивар денеска ги обнови договорите со уште тројца досегашни кошаркари и тоа браќата Ренато и Роберт Димитриевски како Милан Димитриески. Тренер на оваа екипа и во следната сезона ќе биде Марјан Србиновски.