Брера го освои младинскиот Куп – еден од головите беше за „Пушкаш“ (ВИДЕО)

Младинците на Брера триумфираа во Купот на Македонија, откако попладнево, на пенали го совладаа тимот на Шкупи во финалето одигран на терените на ФФМ во скопската населба Ново Лисиче.

Средбата во регуларниот дел заврши со резултат 2-2, по што струмичани се покажаа како повешти во ударите од белата точка. Пенал серијата мина во знакот на двата голмани. Прво, Траjков успеа да одбрани два шута на фудбалерите на Шкупи, а потоа на сцена стапи Муслиу  кој исто така имаше две интервенции. Во решавачката серија, прво Трајков го одбрани ударот на Хухија, а потоа Бојан Велков го совлада Муслиу за триумф на АП Брера во финалето. Медалите на финалистите и пехарот на победникот го врачи претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Финалето ќе остане запаметено и по погодокот на фудбалерот од победничкиот тим, Марио Митев, кој во 75. минута постигна спектакуларен гол од 30-тина метри со кој би можел да конкурира и за наградата „Пушкаш“ за најдобар гол на годината на европските терени.