Гризман се јави: Стрпете се, уште не се знае каде ќе играм!

Најдобриот фудбалер на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман најави дека на крајот на месецот ќе објави каде ќе ја продолжи кариерата.

Францускиот фудбалер, по завршување на сезоната, потврди дека ќе го напушти Мадрид, а како потенцијални дестинации за неговата иднина се споменуваат Барселона и ПСЖ.

„Мора да бидете трпеливи, наскоро сè ќе биде познато. Никој повеќе од мене не сака да го реши тоа прашање, но мора да почекате. Не знам дали кариерата ќе ја продолжам во Шпанија, но за две недели ќе го добиеме одговорот“, кажа Гризман.

Гризман во Атлетико пристигна во 2014 година од Реал Сосиедад за 30 милиони евра, а со клубот од Мадрид освои трофеј во Лига Европа и УЕФА Суперкупот, а исто така има настап и во финалето на Лигата на шампиони.