Драма со среќен крај за Блоко: Мијатовиќ во последната секунда го сруши Работнички
Тоа беше сигурно највозбудливиот и најдраматичен меч сезонава, во кој двете екипи имаа по една одлична четвртина во првото полувреме, а потоа наизменично правеа серии за резултатски пресврт до самиот крај. Гевгеличани имаа плус три на 49 секунди до крајот (87-84), но потоа Чавдар Костов беше фаулиран во шут за тројка по што ги погоди сите три слободни фрлања за изедначување. Следуваше едно прецизно слободно на Брендон Пен (88-87) и кош на Марјан Јанески на пет секунди до крајот за минимално водство на центарци. И кога сите послија дека тоа е конечниот удар на тимот од „Градски парк“, на сцена стапи ветеранот Мијатовиќ кој стрелаше за голема победа на Блоко.
Податокот дека тимовите дури 17 пати се сменија во водство, а резултатот седум пати беше изедначен доволно говори дека гледачите во Куманово беа сведоци на ретко видена драма во македонската кошарка. Тимот предводен од Марјан Илиевски успеа да победи и покрај тоа што противникот погоди неверојатни 17 тројки со само 12 промашувања (58-отсто), нешто што не се гледа ниту во НБА-лигата. Згора на тоа, составот од Негорци играше и без повредените Горан Главчев и Петар Николиќ, додека во тимот на Работнички се врати повредениот Бојан Крстевски.
Кенет Фундербург со 31 и Брендон Пен со 23 беа најпрецизни во победничкиот тим, додека Костов и Димитар Караџовски со по 20 поени беа најефикасни кај скопјани. Со овој триумф, Блокотехна за зацементира на третата позиција со скор 21-8, пред Гостивар кој има меч помалку 19-9. За да остане на ова место, на гевгеличани им е потребна само уште победа над отпишаното Куманово следната среда на домашен терен, по што ќе биде и официјално дека во полуфиналето од плејофот ќе играат против Работнички.
Истовремено, овој тим ја реши и битката за првата позиција пред плејофот со оглед што МЗТ Скопје сега има доволна предност пред центарци дури и ако ги загуби последните два меча, вечерва на гости кај Гостивар и следната среда против вечниот ривал.