
На Вардар пак му се заканува суспензија од УЕФА поради тужба за 150.000 евра?!
Вардар на крајот на септември ги исплати најголемиот дел од долговите кон фудбалерите, пред се тие од шампионската генерација и историската генерација која во 2017 година играше во Лига Европа. Но, подмирувањето на тие долгови, како и одблокираната сметка која беше замрзната уште летоска за користењето на Арената „Филип Втори“ не значеше завршена работа околу добивање на дозвола за настап во Европа.
Вардар повторно се соочува со суспензија од УЕФА и тоа затоа што во УЕФА има пријава и „тужба во европската централа“ од поранешниот голман Александар Кировски и тоа за 150.000 евра, а како што дознава „Спорт 1“, црвено-црните должат пари неколку фудбалери и тренери и сето тоа мора да биде подмирено до крајот на месецов. Сооглед дека последен ден за исплата е петок, на вардарци сега им преостануваат три дена за да избегнат дополнителни проблеми и евентуално недобивање на лиценца, кога веќе во фудбалскиот шампионат се на комотни девет бода разлика од ривалите за местата на меѓународна сцена.
Според информациите, Кировски, кој летоска дојде во Вардар како засилување и потпиша двегодишен договор, ги пријавил црвено-црните за неисплатени средства, а српскиот голман со македонски пасош сега треба да си го наплати целиот договор. Од причина што иако беа најавувани информации за спогодбен раскин на договорот, такво нешто не се случило и тој си заминал врз база на правилата дека после три неисплатени плати автоматски е слободен играч (меморандум на ФИФПро со ФИФА), а долговите ќе си ги бара преку фудбалските инстанци пред се ФИФА и УЕФА, ако во одреден рок не бидат подмирени. Според нашите информации ако се подмират долговоите според договорите Вардар би избегнал суспензија и не би се соочил со официјална тужба, со која автоматски би се активирала „условната суспензија“, нешто поради кое во минатото настрадале и Црвена Звезда и низа други клубови поради заостанати и проблематични неисплатени договори.
Но, овој долг е еден и во моментов „клучен“ зашто е алармирана УЕФА, а Вардар должи на уште неколкумина, кои не се дел од генерацијата која пишуваше историја а на почетокот на годинава беше исплатена. Според одредени информации, Вардар има исплатено 80 отсто од вкупните долгови што се наталожија во ланската катастрофална 2018 година, но остануваат уште 20-на отсто од вкупна сума на пари, но и тие мора да се исплатат за да не се доведе клубот на крајот да извиси за лиценцата и да не излезе во Европа, што би било вистинска катастрофа за црвено-црните.
После исплатата на главниот долг, кој дури и еуфорично се славеше, иако клубот официјално не објави ништо за целиот случај сите очекуваа документ од УЕФА дека ќе се потврди таа исплата, но наместо тоа доаѓаат шокантни информации дека на Вардар и понатаму му виси лиценцата. Да е шокот поголем, откако бурно се славеше „спасот од пропаст“ на 31 јануари, овие информации делуваат уште пошокантни, од причина што Вардар ќе го искешира Бразилецот Фелипе точно 80.000 евра за четири месеци, а сите долгови на клубот останале неподмирени. Инаку Фелипе пред точно една година, среде ланската сезона си замина од Вардар, тогаш со опомена пред тужба и со спогодба и исплата на заостанатите плати, нешто кое сега се повторува во случајот со Кировски
Вардар веќе преку ФФМ има поднесено апликација за лиценцирање за следната сезона во ФФМ, но издавањето на лиценцата сега ќе оди малку потешко од досегашната пракса, затоа што „клубот“ е под строг мониторинг на УЕФА, па црвено-црните ќе мора сериозно да се фатат за работа да ги исполнат критериумите и да избегнат секаков ризик да не добијат виза за меѓународната сцена.
Во минатото, а и сега клубови од регионот, меѓу кои во моментов во проблем е и Партизан (долг од 2,5 милиони евра) изнаоѓаа начини за да се избегнат суспензии или со целосна исплата или со спогодби со оштетените бивши фудбалери за да се исчисти таа документација за лиценцирање. Сега останува да се види како Вардар ќе го реши проблемот и дали ќе ги исплати долговите или ќе се обиде со спогодба за исплата на рати да не се соочи со суспензија од Нион.