Клиперси се вратија од минус 28, нова рекордна ноќ за Расел Вестбрук (ВИДЕО)

Синоќешната програма во НБА-лигата не донесе некој претерано интересен дуел, но беа видени две рекордни остварувања и тоа од екипата на ЛА Клиперс и ѕвездата на Оклахома тандерс, Расел Вестбрук.

Клиперси како гости го совладаа Бостон селтикс (123-112) во меч во кој се вратија по минус од дури 28 поени (40-68) пред крајот на втората четвртина. Но, на домаќинот тогаш му се повреди Кајри Ирвинг (коленото), по што мораше во соблекувалната, што тимот од Ел-Еј максимално го искористи и го оствари најголемиот камбек во клупската историја. Монтрез Херел со 21 и Данило Галинари со 19 поени беа најпрецизни во победничкиот состав, додека Гордон Хејворд со 19 поени беше најефикасен кај „келтите“.

Вестбрук, пак, го оствари деветиот по ред трипл-дабл во победата на „громовите“ во пресметката со Хјустон рокитс (117-112) со што го изедначи рекордот на Вилт Чембрлен уште од далечната 1968 година. Тој средбата ја заврши со 21 поен, 12 скока и 11 асистенции, но и 10 загубени топки. Најефикасен кај Оклахома беше Пол Џорџ со 45 поени, додека Џејмс Харден со 42 поени беше најпрецизен кај „ракетите“.

РЕЗУЛТАТИ: Индијана-Кливленд 105-90, Атланта-Шарлот 120-129, Њујорк-Торонто 99-104, Чикаго-Вашингтон 125-134, Мемфис-Њу Орлеанс 99-90, Милвоки-Орландо 83-103.